Преведувач (translator) наспроти толкувач (interpreter): Кој ми е потребен?
Доколку ви е потребна помош за комуникација на друг јазик, можеби ќе треба да соработувате со преведувач или толкувач. Иако и двата работат со јазик, тие вршат различни задачи.
Како да одлучам кој ми е потребен?
Ако се работи за писмен текст, потребен ви е преведувач. Ако се работи за говор или знаковен јазик, потребен ви е толкувач.
Размислете дали споделувате документи или водите разговор.
Што прави преведувачот?
Преведувачот работи со писмени материјали. Неговата работа е да земе писмен текст на еден јазик и да создаде точна, културно соодветна верзија на друг јазик.
Еве неколку вообичаени примери за тоа што прават преведувачите:
- Изводи од матичната книга на родени, возачки дозволи и други документи за идентификација
- Изводи од матичната книга на родени, возачки дозволи и други документи за идентификација
- Медицински извештаи
- Веб-страници, брошури и маркетиншки материјали
- Имејли, писма и писмени упатства
- Прирачници за употреба
Преводот не е само замена на зборови од еден јазик на друг. Добриот преведувач се грижи значењето да биде јасно и конзистентно, терминологијата да биде точна и тонот да одговара на намената на документот. Во Австралија, многу организации, како што се владините оддели, бараат преводите да ги изработува NAATI сертифициран (NAATI-certified) преведувач. Ова гарантира квалитет и одговорност.
Што прави толкувачот?
Толкувачот работи со говорен или знаковен јазик, помагајќи им на луѓето што зборуваат различни јазици да комуницираат во реално време.
Можеби ќе ви треба толкувач кога:
- Одите на медицински или здравствени прегледи
- Разговарате со Centrelink, полицијата или други владини служби
- Учествувате на деловни состаноци
- Учествувате во правни постапки
- Присуствувате на конференции, семинари или настани во заедницата
Толкувачите слушаат што се зборува на еден јазик и ја пренесуваат пораката точно и природно на друг јазик. Тие можат да работат на лице место, преку телефон или преку видео. Во многу ситуации, особено во здравствен и правен контекст, точното толкување е од суштинско значење за да се осигури дека луѓето ги разбираат своите права, одговорности и избор.
Што ако имам комбинација од писмени и усни материјали?
Понекогаш, толкувачите или преведувачите можат да работат со комбинација од писмени и усни/знаковни материјали. На пример:
- Усно преведување на писмен текст (Sight translation): толкувачот чита писмен документ (на пример, болнички формулар за давање согласност) и веднаш го преведува на друг јазик, усно или на знаковен јазик
- Транскрипција: преведувачот слуша снимен говор и го пишува на друг јазик
Добар начин да се размислува за ова е: каков ќе биде крајниот производ? Ако е документ, ќе ви треба преведувач. Ако е говор, разговор или видео, ќе ви треба толкувач.
Каде можам да најдам квалификувани професионалци?
Без разлика дали станува збор за толкувач или преведувач, најдобро е да изберете некој што е NAATI сертифициран. NAATI има различни професионални сертификати и за преведувачи и за толкувачи, а сертификацијата помага да се осигурате дека лицето што ви е потребно ги има вештините и обуката потребни за прецизно пренесување информации на внимателен и професионален начин.
Можете да најдете преведувач или толкувач во онлајн именикот на NAATI (NAATI’s online directory).