Објаснување на етичкиот кодекс
На оваа страница
Етика за преведувачи и толкувачи
Преведувачите и толкувачите сертифицирани од NAATI се обврзани со етички кодекс и кодекс на однесување. Ова значи дека може да имате доверба во кој било NAATI сертифициран преведувач или толкувач, слично на довербата што ја имате во лекар или сметководител.
Тие имаат должност:
- точно да преведуваат/толкуваат
- да бидат непристрасни и неутрални
- да ја чуваат доверливоста на вашите информации
- да ги одржуваат своите вештини преку редовен професионален развој
- да извршуваат само работа за која се квалификувани преку обука или професионални сертификати
Етичките дилеми се проблеми во професионални ситуации каде што нема јасно одредено правилно или погрешно решение. За толкувачите, еве неколку етички дилеми што може да се појават во нивната работа:
- Клиент пцуе пред полиција. Толкувачот може да смета дека е несоодветно да пцуе на полицијата или да знае дека пцуењето ќе го доведе клиентот во неволја. Сепак, етичкиот кодекс го упатува толкувачот да биде точен и непристрасен во толкувањето, и сè, вклучително и пцуењето, да биде толкувано на полицијата и обратно.
- Да биде побарано од него да даде мислење, како на пример дали мисли дека некој лаже. Етичкиот кодекс го упатува толкувачот да биде непристрасен и да ги објасни границите на неговата улога: при преведувањето и толкувањето тој не се вклучува во застапување, насочување или давање совети.
- Го прашуваат дали неговиот клиент повторил нешто на претходен состанок или закажан термин. Етичкиот кодекс го води толкувачот да ги чува информациите во доверливост. Дури и ако лекарот го праша толкувачот дали пациентот ги кажал истите информации на претходен преглед, тој не може да ги даде овие информации.
Во Австралија и Нов Зеланд, постојат четири важни етички кодекси: AUSIT, ASLITA, NZSTI и SLIANZ.
- Етички кодекс и кодекс на однесување на Австралискиот институт на толкувачи и преведувачи – AUSIT (од 2012 година) Важи за сите преведувачи и толкувачи кои работат со говорни јазици во Австралија и Нов Зеланд
- Забелешка: AUSIT и NZSTI споделуваат етички кодекс. Можете да го прочитате Етичкиот кодекс на NZSTI тука
- Етички кодекс и упатства за професионално однесување на Австралиското здружение на толкувачи на знаковен јазик – ASLIA (Австралиско здружение на толкувачи на знаковен јазик) (од 2007 година) : Важи за сите Auslan преведувачи и толкувачи
- Кодекс на етика и однесување на Толкувачите на знаковен јазик на Нов Зеланд – SLIANZ (од 2012 година) Важи за сите толкувачи со седиште во Нов Зеланд кои работат со NZSL
Добивањето сертификација од NAATI вклучува демонстрирање на познавање и разбирање на соодветниот етички кодекс. NAATI обезбедува дека преведувачот или толкувачот го разбира етичкиот кодекс и како принципите се применуваат во неговата работа и знае како ќе одговори на етичките дилеми.
Прочитајте повеќе за различните етички кодекси и тестот за етичка компетентност на NAATI тука
Прекршувања на етичкиот кодекс
Повремено се открива дека преведувач или толкувач не ги следел принципите, што доведува до штета или повреда на клиентот, неговиот работодавач или колега од истата професија. Ова вообичаено се нарекува „прекршување“.
NAATI, AUSIT, ASLITA, NZSTI и SLIANZ сериозно ги сфаќаат потенцијалните прекршувања на етичкиот кодекс. Може да го прочитате Правилникот за жалби на NAATI (NAATI’s Complaints Policy) за совет за тоа како NAATI ќе истражува и ќе одговори на какви било прекршувања пријавени до NAATI. Можете исто така да поднесете жалба директно до преведувачот или толкувачот, нивниот работодавач или нивното професионално здружение, доколку е член (AUSIT, ASLITA, NZSTI или SLIANZ).