Како да работите со толкувач (interpreter)
На оваа страница
Работењето со толкувач ви помага ефикасно да комуницирате со луѓе кои зборуваат различен јазик од вас. Толкувачите не се учесници во разговорот; тие се „мост“ за комуникација.
Сертифициран толкувач од NAATI:
- ќе се подготви за задачата со истражување на темата врз основа на информациите што ќе го добие однапред
- ќе преведува сè точно и непристрасно
- нема да додава, изоставува или менува информации и нема да дава мислење, совети или објаснувања
- ќе побара појаснување или повторување доколку е потребно за да биде сигурен дека преведува точно
- ќе се справува со ситуации каде што луѓето зборуваат истовремено
- ќе ги чува сите информации поврзани со задачата во тајност, вклучително и сè што е дискутирано за време на сесијата.
Однесувајте се кон толкувачот со почит и следете ги овие упатства за да обезбеди професионално искуство за сите вклучени.
Пред сесијата
Изберете го соодветниот начин на толкување и соодветната локација
Кога закажувате толкувач, потврдете кој начин на толкување ќе се користи, како очекувате толкувачот да учествува и погрижете се соодветната опрема да е поставена. Доколку не сте сигурни, вашиот давател на јазични услуги или толкувачот може да ве советува за најдобриот пристап.
Начин на толкување
Консекутивно толкување (Consecutive interpreting): Толкувачот чека говорникот да направи пауза пред да го преведе она што е кажано. Овој начин најчесто се користи на закажани термини или состаноци со мал број на учесници. Сесијата ќе трае околу двојно подолго од разговор на еден јазик, затоа предвидете дополнително време во вашиот распоред.
Симултано толкување (Simultaneous interpreting): Толкувачот преведува во реално време, обично користејќи специјализирана опрема како слушалки или кабини за толкување. Овој начин најдобро функционира за состаноци со поголем број на учесници, конференции или групни дискусии каде што треба да се одржи протокот на комуникација. Бидејќи ова е ментално напорна работа, се препорачува да имате најмалку двајца толкувачи кои можат да се менуваат за да се одржи точноста на преводот и да се избегне замор.
Како се изведува толкувањето
Лице в лице (на лице место или лично) (Face-to-face (onsite or in-person)): Толкувањето лице в лице е најдобро за сложени ситуации бидејќи овозможува гледање на невербални знаци како што е говорот на телото. Тоа значи дека толкувачот ќе биде во просторијата со вас. Достапноста на оваа услуга може да биде ограничена во руралните или регионалните области и за одредени јазици.
Преку видео (Video): Толкувањето преку видео е втора најдобра опција по толкувањето лице в лице, бидејќи толкувачот сепак може да ги види невербалните знаци од учесниците. Толкувањето преку видео е корисно кога нема достапни толкувачи на лице место, особено за закажувања направени во последен момент или за јазици за кои тешко се наоѓаат толкувачи. Толкувањето преку видео е погодно за Auslan (австралискиот знаковен јазик) и за говорни јазици, но бара стабилен интернет и соодветна опрема.
Преку телефон (Telephone): Толкување преку телефон е најлесно достапната форма на толкување. Најкорисно е за кратка, едноставна комуникација.
Изберете соодветен толкувач
- Проверете дали толкувачот е NAATI сертифициран (NAATI-certified). Може да проверите NAATI сертификација користејќи го нивниот Број на сертифициран преведувач/толкувач (Certified Practitioner Number – CPN).
- Не користете членови на семејството или пријатели како толкувачи, дури и ако мислите дека е практично. Можеби им недостасува непристрасност, обука или јазични вештини. Ова може да ја загрози доверливоста, точноста на толкувањето и професионализмот.
- Потврдете дека толкувачот ги задоволува потребите на задачата. Дали ви е потребен толкувач од одреден пол? Дали треба да има стручност во одредена област, како што се здравството или правото?
Дајте му информации на толкувачот однапред
Секогаш кога е можно, дајте му информации на толкувачот пред задачата. Ова подразбира да ја објасните целта на состанокот, кој ќе биде присутен и сите клучни детали што треба да ги знае. Дури и краток разговор со толкувачот однапред може да значи помалку прекини и полесна комуникација.
Информациите што ги давате однапред може да вклучуваат:
- Контекстуални информации за темата, целите и учесниците.
- Технички изрази, стручна терминологија или специфичен жаргон за да може толкувачот да се подготви за точно толкување.
- Опис на природата на состанокот – дали ќе биде емотивен, технички или на чувствителна тема.
Доколку задачата е сложена, дајте му доволно време на толкувачот да се подготви и истражи, ако е можно. Оваа подготовка помага да се обезбеди точно толкување и го намалува работното оптоварување на толкувачот за време на сесијата.
Планирајте ги практичните детали
Толкувањето лице в лице бара од вас, толкувачот и клиентот да бидете физички присутни на исто место. Распоредете ги столовите така што пациентот, толкувачот и лекарот ќе формираат триаголник. Ова овозможува јасна комуникација и обезбедува сите да се вклучени.
За толкување со Auslan: Толкувачот треба да седи или стои до здравствениот работник и спроти пациентот. Ова му овозможува на глувиот пациент да одржува контакт со очите со говорникот и да го набљудува говорот на телото. За подолги сесии, може да се менуваат двајца толкувачи.
Телефонските повици и видеоконференциите овозможуваат флексибилност – толкувачот или клиентот може да бидат присутни со вас, или секое лице може да биде на посебна локација. Проверете дали технологијата работи правилно пред да започне сесијата.
Не заборавајте да одвоите дополнително време за толкувањето. Разговорите ќе траат подолго отколку што би траеле на еден јазик.
За време на сесијата
Што да правите
- Погрижете се да го претставите толкувачот и неговата улога. Можете да започнете со едноставна изјава како: „Ова е нашиот толкувач, кој ќе ни помогне да комуницираме денес. Сè што ќе кажеме ќе биде толкувано точно и доверливо.“ Толкувачот може самиот да се претстави. Потсетете ги учесниците дека толкувачот ќе зборува во прво лице (т.е. „јас“, „ние“) за да се задржи природниот тек на разговорот.
- Зборувајте директно со другата личност, а не со толкувачот. Кажете „Како се чувствувате денес?“, а не „Прашајте ја како се чувствува“. Одржувајте контакт со очите со другата личност, освен ако тоа е културно несоодветно.
- Користете јасен, едноставен јазик. Избегнувајте сленг, жаргон, стручни кратенки или сложени споредби. Правете редовни паузи за да има време за толкување.
- Дозволете му на толкувачот да заврши пред да продолжите. Ова обезбедува точност на толкувањето и спречува преоптоварување со информации.
- Бидете трпеливи. На некои јазици се потребни повеќе или помалку зборови за да се пренесе истото значење. Паузите за време на толкувањето се нормални.
- Побарајте појаснување по потреба Доколку нешто ви е нејасно, замолете го толкувачот да повтори или објасни. Поттикнете го толкувачот да каже доколку треба нешто да му биде разјаснето. Доколку на толкувачот му треба појаснување, замолете го да го информира другото лице за што прашува.
Што треба да се избегнува
- Не го прекинувајте толкувачот или другото лице сред реченица. Прекините можат да доведат до збунетост или недоразбирање.
- Не барајте мислење или совет од толкувачот. Неговата улога е да толкува, а не да посредува, застапува или да изразува лични ставови.
- Не се впуштајте во споредни разговори со толкувачот. Толкувачот ќе преведува сè што ќе кажете, затоа не кажувајте ништо што не сакате да се преведува на другиот јазик.
По сесијата
- Разговарајте за тоа како поминала средбата, доколку е потребно. Разговарајте со толкувачот доколку се појавиле какви било проблеми или ако сакате да споделите мислење за тоа како поминало толкувањето. Бидете отворени за предлози за подобрување. Толкувачите работат со многу професионалци и можат да дадат корисни совети за подобрување на комуникацијата во идни сесии.
- Одржувајте доверливост. Третирајте ги сесиите со толкувачи на ист начин како што би се однесувале кон која било директна комуникација. Сите споделени информации остануваат доверливи.
Дополнителни ресурси
За повеќе информации за работа со толкувачи, посетете ги веб-страниците:
- Општи упатства на AUSIT за работа со толкувачи (AUSIT General Guidelines for Working with Interpreters)
- Привремени упатства на Владата на Викторија: Како да се работи со толкувачи и преведувачи (Victorian Government Interim Guidelines: How to work with interpreters and translators)
- Упатства за работа со толкувачи на Здравствените служби на Квинсленд (Queensland Health Services interpreter guidelines)
- Упатства од Службата за јазични услуги: Упатства од службата за јазични услуги на австралиската влада (Language Services Guidelines: Australian Government Language Services Guidelines)